Лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, прв пат јавно предложи формирање на четирипартитна коалиција за нова влада, иако победил на последните избори, но има тешкотии да состави владејачка коалиција. Според планот на Борисов, покрај ГЕРБ, во коалицијата би влегле и партиите Продолжуваме со промените (ПП – ДБ) на Кирил Петков, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ (ИТН). Борисов јасно порача дека само тој може да ја води оваа коалиција како премиер.
-
„Може да се формира влада без ДПС, без Преродба, и без партијата МЕЧ, бидејќи сме од различни идеолошки семејства. Останатите партии – ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ, БСП и ИТН – можат да се обединат за формирање влада. Тоа е многу сложен процес и таква влада можам да раководам само јас. Ова не е гест, туку саможртва, со оглед на 18-те милијарди долг на државата“, изјави Борисов.
Опозицијата ја одбива идејата за Борисов како премиер
Веднаш по објавата на Борисов, Продолжуваме со промените (ПП – ДБ), втората по големина партија на последните избори, експресно го одбија неговиот предлог. Асен Василев, копретседател на партијата, одговори со сарказам на прашањето за поддршка на Борисов како премиер:
-
„Со Борисов премиер? Да зборуваме сериозно… Јас мислам дека тоа јасно го кажавме и во кампањата и мислам дека нашите гласачи тоа го поддржаа“, изјави Василев.
Политичка неизвесност: Парламентот не може да избере претседател
Останатите партии засега не го коментираат предлогот на Борисов за состав на нова влада. Политичката поделба се отслика и денеска, кога парламентот не успеа да избере претседател. Претседателот на Бугарија, Румен Радев, изрази загриженост за блокадата на парламентот и истакна дека изборот на претседател на Собранието е клучен за започнување на консултациите за состав на влада.
-
„Формирањето влада почнува со избор на претседател на парламентот, за да можат да започнат консултациите со партиите за формирање влада. На овие консултации може да се разговара за парламентарната математика“, изјави Радев.
Борба за парламентарно мнозинство
За да се формира нова влада, неопходно е да се обезбеди мнозинство од 121 пратеник во бугарскиот парламент со 240 членови. И покрај предлогот на Борисов за четирипартитна коалиција, политичката неизвесност продолжува, а поделбите меѓу партиите остануваат големи.