Роднина спречил посериозен инцидент во домот на Бит Пазар

Дваесет и четиригодишен скопјанец е приведен откако, по семејна расправија, му го одзел службениот пиштол на својот татко, кој е полициски службеник, и му упатувал закани.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 13 јуни 2026 година, околу 1:30 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода В.К. (24) од Скопје.

Според пријавата, околу 1:00 часот, по кратка расправија во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар, тој му го одзел службениот пиштол на својот 49-годишен татко и му упатувал закани.

Од МВР посочуваат дека нивен роднина успеал да спречи понатамошна ескалација на настанот.

По целосното документирање на случајот, против 24-годишникот ќе биде поднесена соодветна пријава.