Царинската управа спречила обид за неовластен промет со наркотична дрога, која државјанин на Соединетите Американски Држави се обидел нелегално да ја внесе во земјава преку поштенски пратки со ДВД-цедиња, пристигнати од Франција.

Сомнителната содржина откриена со скенер

Пратките биле наменети за лицето Ј.Е. По нивното пристигнување во Царинската испостава Пошти, царинските службеници извршиле контрола со скенер, при што забележале сомнителна содржина.

На местото биле повикани мобилен царински тим и царинско куче. По тестирањето со специјална опрема било утврдено дека во четирите пратки има 12,5 грама метамфетамин, 20 грама МДМА и осум грама кокаин.

Приведен при примопредавањето на пратката

Случајот бил предаден на Одделението за истраги, кое започнало предистражна постапка. По налог на јавен обвинител, инспекторите го привеле Ј.Е. во моментот кога ја преземал пратката.

Потоа бил извршен претрес во домот во кој осомничениот живеел со својата сопруга.

Пронајдени дополнителни предмети во домот

При претресот биле пронајдени две стаклени шишенца со зелена растителна материја со интензивен мирис, две стаклени лулиња за пушење марихуана и 33 ампули тестостерон.

Дрогата пронајдена во поштенските пратки и во домот била одземена и испратена на вештачење. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.