Полицијата трага по лице кое измамило жител на Скопје за 28.700 евра, претставувајќи се како службеник во државна институција. Случајот бил пријавен синоќа во СВР Скопје, а според пријавеното, измамата започнала кон крајот на минатата година.

Оштетениот го запознал лицето во занаетчиски дуќан во Скопје. Измамникот му кажал дека преку свои пријатели во државните институции може да му помогне да го врати претходно запленетиот златен накит.

За наводната услуга побарал пари, по што пријавителот му исплатил вкупно 28.700 евра. Откако ветената помош не била реализирана, оштетениот сфатил дека бил измамен и го пријавил случајот во полиција. Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.