Унапредувањето на образовниот процес, инвестициите во инфраструктурата и воведување нови содржини за соодветен раст и развој на учениците се високо во приоритетите на Општина Аеродром. Целта и визијата на оваа администрација е Аеродром да биде општина што ги има најдобрите услови за правилен развој на учениците и во која секој ќе може да ги достигне своите потенцијали, соопшти Општината.

Градоначалникот Тимчо Муцунски и директорката на ООУ „Љубен Лапе“, Фоника Станоева, денеска извршија увид во последните активности што се спроведоа во ова училиште, а каде што со заедничка инвестиција на училиштето и претставник на училишниот одбор учениците од прво и четврто одделение и нивните наставници добија 6 паметни системи за презентации, како и пен-таблети за модернизација на образовниот процес и реализација на наставната програма.

При својата посета градоначалникот Муцунски истакна дека овој вид инвестиции се еден од приоритетите на Општината и дека една од главните задачи на Општината ќе биде да се обезбеди подобар образовен процес и еднакви инвестиции во сите училишта на територијата на Аеродром.

„Љубен Лапе’ е едно од основните училишта во општина Аеродром во кое минатиот период имаше значителни инвестиции. Со последните активности на Општината, училиштето и на општествено одговорни компании и поединци дечињата денес спортуваат на нови современи терени за фудбал, ракомет и кошарка, посетуваат настава во училиште со целосно реновиран долен кат, а со најновите содржини ќе бидат во тек со наставата, но и најновите светски и технолошки трендови“.