Аеродромци ќе добијат повеќе слободни паркинг места. Првиот човек на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски информираше дека се проширува опфатот на „Зонското паркирање“ на неколку нови локации во Аеродром.

Муцунски вели дека е ова е по барање на граѓаните, а со проширувањето на опфатот ќе се отстранат и хаварисаните возила.

По барање на граѓаните, а како резултат на нашите заложби за воведување ред во паркирањето и сообраќајот во Аеродром, по надминување на административните пречки, вчера во соработка со ЈП Градски паркинг, започна реализацијата на проектот „Зонско паркирање“ кој ќе се реализира во две фази и се очекува да заврши до крајот на годината, пишува тој на Фејсбук.

Градоначалникот вели дека ова е по спроведена анкета и крајната цел се повеќе слободни паркинг места.

Првата фаза ги опфаќа формирање и обележување на паркинг зони на булеварот „Јане Сандански“, како и улиците „23 Октомври“, „Ангел Димовски“ и „Коста Новаковиќ“, а втората фаза ќе ги опфати Реонски центар и Ново Лисиче, по завршување на анкетата која ќе се спроведе во следниот период. Аеродром станува урбана и зелена општина, со доволен број паркинг места и организиран систем за паркинг. Со проширувањето на опфатот го реализираме нашето ветување за обезбедување доволен број слободни паркинг места за жителите на Аеродром и отстранување на хаварисаните возила, заклучува Муцунски.