Фокусот ќе биде ставен на економската дипломатија и европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од утре до 18 јуни ќе престојува во работни посети на Германија, Обединетото Кралство и Ирска, каде што ќе оствари серија средби посветени на економската соработка, политичкиот дијалог и продлабочувањето на билатералните односи.
Муцунски најави дека во наредните денови акцентот ќе биде ставен на јакнењето на стратешките партнерства и поддршката на европските интегративни процеси на државата.
„Следната недела фокусот ќе биде на економската дипломатија, политичкиот дијалог и билатералните односи, јакнењето на стратешките партнерства и европската интеграција. Нашата цел е јасна: повеќе економски можности, посилни партнерства и конкретни придобивки за државата, економијата и граѓаните“, објави Муцунски на Фејсбук.
Во Германија ќе биде потпишана нова декларација за соработка
Според Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, првата станица од посетата ќе биде Диселдорф, каде што Муцунски ќе престојува на покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински.
За време на средбата, двајцата министри ќе потпишат нова Заедничка декларација за намери за соработка меѓу Владата на Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Македонија за периодот 2026–2030 година.
На 16 јуни Муцунски ќе отпатува во Лондон, каде што ќе се сретне со својот хомолог, државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Ивет Купер.
Во рамки на посетата, тој ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа во Лондон, што претставува можност за промоција на македонските вина и за унапредување на економската и трговската соработка.
Средби во Даблин пред ирското претседавање со Советот на ЕУ
Од 16 до 18 јуни, министерот ќе престојува и во Даблин, каде што ќе оствари средба со министерката за надворешни работи и одбрана на Ирска, Хелен Мекенти.
На средбите ќе стане збор за билатералните односи, но и за претстојното шестмесечно претседавање на Ирска со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули.
Во текот на посетата, Муцунски ќе се сретне и со пратеници и членови на Заедничкиот комитет за прашања поврзани со Европската Унија на двата дома на ирскиот парламент. Предвидено е и негово обраќање во Институтот за меѓународни и европски работи (IIEA), еден од водечките ирски тинк-тенк центри за меѓународни односи и европски прашања.
Од Министерството посочуваат дека посетата на Ирска се реализира во пресрет на ирското претседавање со Советот на ЕУ и има цел дополнително да ја зајакне билатералната соработка, како и да обезбеди континуирана поддршка за процесот на проширување на Европската Унија и реформските напори на државата на патот кон полноправно членство во Унијата.
