Историската процесија на кралските мумии во 18 часот по локално време тргна од плоштадот Тахрир, во Каиро, а голем број Египќани се сведоци на спектаклот што чини милиони долари. Целиот настан го пренесува државната телевизија.
Во првото возило се наоѓа Секренере Тао II, наречен Храбриот, кој со Египет владеел околу 1600 година п.н.е., додека на крајот е Рамзес IX., кој владеел во 12 век п.н.е. Рамзес II и кралицата Хатшепсут, исто така, се наоѓаат во конвојот.
Конвојот од црни возила со позлатени орнаменти, што потсетуваат на античките погребни поворки, е под строги безбедносни мерки.
Остатоците од 18 кралеви и четири кралици, наредени според возраста, се носат на одделни платформи украсени во древен египетски стил во поворката наречена „Златна парада на фараоните“.
Остатоците се префрлаат од Египетскиот музеј, во центарот на Каиро, каде што престојуваа со децении, во Националниот музеј на египетска цивилизација, отворен во 2017 година на југот на градот.
-Тие ќе бидат сместени таму во малку помодерни излози, изјави Салима Икрам, професор по египетологија на Американскиот универзитет во Каиро.
„Контролата на температурата и влажноста ќе биде подобри отколку во стариот музеј“, додаде Икрам, експерт за мумификација.
Мумиите ќе бидат сместени во Кралската мумиска сала и ќе можат да се гледаат од 18 април. Салата е дизајнирана така што посетителите ќе имаат чувство дека се наоѓаат во Долината на кралевите во Луксор.
Во нивниот нов дом, тие ќе бидат изложени одделно, секоја до саркофаг, а во некои случаи и со статуа.
Откриени недалеку од Луксор, на почетокот на 1881 година, повеќето од 22 мумии уште од почетокот на 20 век биле изложени во египетскиот музеј на плоштадот Тахрир.
-Националниот музеј на египетска цивилизација беше завршен во 2010 година и јас планирав да го отворам во 2012 година, изјави египетологот Захи Хавас. Но, идејата падна во вода заради револуцијата во 2011 година и нестабилноста што следеше по неа.
Во месеците што следат, Египет треба да отвори друг музеј, Големиот египетски музеј, недалеку од Пирамидите во Гиза. Во него ќе бидат сместени и колекции на фараони, вклучително и мумифицирани остатоци од Тутанкамон.