Репрезентативниот дефанзивец Висар Муслиу очекува македонската фудбалска репрезентација да го продолжи континуитетот на успеси и на претстојното Еуро 2020, истакнувајќи оти клучот за добрите резултати на „црвено-жолтите“ е атмосферата во националниот состав.
– Прекрасно се чувствувам што сум дел од подготовките за претстојното Европско првенство. Атмосферата во тимот е добра. Ако немаш добра атмосфера, нема да имаш ниту добри резултати. Ни недостасува Енис Барди, но се надевам дека ќе ни се приклучи што поскоро, изјави попладнево Муслиу.
Дефанзивецот на унгарскиот прволигаш Фехервар, како и голем дел од неговите соиграчи има искуство од настап на завршните турнири како дел од репрезентацијата до 21 година на Европското првенство во 2017 година, но истакна оти Еуро2020 е нешто посебно.
– Сите сме мотивирани и со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Ние како и досега не секој меч одиме на победа. Сметам дека по победата над Германија, сега и другите репрезентации треба да покажат поголем респект кон нас, додаде Муслиу.