Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, го повика Јавното обвинителство да ги провери сомнежите за можна поврзаност на поранешниот претседател Стево Пендаровски со градежна инвестиција во која, според неговите тврдења, учествува сопругата на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.
Во гостувањето во утринската емисија „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, Стојаноски рече дека партијата располага со информации за кои смета дека треба да бидат предмет на институционална проверка, иако Пендаровски веќе ги демантирал наводите за негова поврзаност со инвестицијата.
„Го повикувам Јавното обвинителство да го провери тој наод, затоа што ние сме сигурни дека тоа што го кажуваме има вистина. Сметам дека тука треба органите да проверат дали е тоа така или не“, изјави Стојаноски.
Тој потсети на случај од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, кога, како што рече, биле обелоденети информации за доделување грант од 600.000 евра од Владата на лица од потесното семејство на тогашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и тогашниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според Стојаноски, факт е дека сопругата на Муслиу е инвеститор во одредена станбена зграда, а тој отвори прашање дали во истата инвестиција учествува и поранешниот претседател Пендаровски.
Во продолжение, пратеникот упати критики кон Пендаровски, обвинувајќи го дека и по завршувањето на претседателскиот мандат продолжува да објавува, како што рече, лажни вести на социјалните мрежи.
„Видовме сега пред неколку денови дека се занимава со создавање лажни вести на социјалните мрежи, прави скриншотови за вести кои се тотално непостоечки. Но, она што граѓаните треба да го знаат е дека тоа го правеше и додека беше претседател на државата“, рече Стојаноски.
Тој додаде дека Пендаровски, според неговите зборови, наместо да придонесе за државата, се занимавал со ширење невистини и, како што рече, измислување приказни, меѓу кои и за актуелниот вицепремиер Александар Николоски.
Стојаноски побара од Обвинителството да испита и дали евентуално постои поврзаност меѓу градежната инвестиција и постапувањето на поранешни безбедносни функционери во врска со издавањето безбедносни сертификати.
Тој изнесе сомнежи дека преку службени белешки со наведување непознато лице можеби им била одземена можноста на одредени припадници на безбедносните служби да добијат безбедносен сертификат, да соработуваат со безбедносните институции или да напредуваат во службата.
Осврнувајќи се на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Стојаноски праша како е можно лице кое ја извршувало таа функција сега да биде поврзано со градежни инвестиции, повикувајќи ги надлежните институции да ги проверат сите околности.
„Да се разбуди Јавното обвинителство, ги доби сите ресурси што ги бараше и да почне да поставува прашања. Бидејќи сè додека ваквите ликови, кои се сива еминенција, градат згради откако ќе завршат со своите разузнавачки кариери, во кои нема ништо добро за државата…“, порача Стојаноски.
