Сериозна загриженост во МНР
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера го повикал бугарскиот амбасадор во Македонија, Јеласко Радуков, за да му изрази сериозна загриженост по објавувањето на дипломатската нота поврзана со посетата на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски во Бугарија.
Според Муцунски, дополнителен проблем претставува и тоа што со објавувањето биле откриени лични податоци.
Муцунски очекува извинување
„Јас да бев, мене да ми се случеше ова, ќе се извинев“, порача Муцунски на денешната прес-конференција, на која даваше отчет за двегодишното работење како шеф на дипломатијата.
Тој оцени дека станува збор за неприфатлив начин на меѓусебно функционирање на две држави, нагласувајќи дека вакви работи не се случуваат ниту меѓу земји што се во војна.
Без одговор од Софија
Муцунски посочи дека станува збор за движење на членови на семејство на високи странски претставници и нагласи дека таков документ никогаш не излегол во јавност од македонска страна.
Тој соопшти дека го повикал амбасадорот Радуков и побарал објаснување како дошло до објавувањето на нотата, но дека досега не добил одговор.
