Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, на покана на украинскиот министер Андри Сибиха и високата претставничка на ЕУ Каја Калас, престојуваше во еднодневна посета на Лавов, каде што учествуваше на Министерскиот состанок за формирање на Специјалниот трибунал за злосторството агресија против Украина и на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ. Муцунски беше единствениот министер од Западен Балкан присутен на настаните.

На состаноците беше потврдена поддршката за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и за иницијативата за воспоставување правна одговорност за актите на агресија.

Министерот Муцунски ја реафирмираше принципиелната поддршка на нашата држава, повикувајќи на итен и безусловен прекин на огнот од страна на Русија и на заеднички ангажман за постигнување праведен и одржлив мир.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски, заедно со своите колеги, оддаде почит на украинските херои на гробиштата „Lychakiv“ во Лавов.