Поддршка за Украина и осуда на агресијата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на состанок во Брисел посветен на враќањето на украинските деца. Настанот се одржа во рамки на Советот за надворешни работи на Европската Унија и ја собра меѓународната коалиција за ова прашање.
Муцунски во своето обраќање ја потврди поддршката на државата за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Тој нагласи дека Украина повеќе од три години се соочува со, како што рече, неиспровоцирана и неоправдана агресија од Руската Федерација, што претставува сериозно кршење на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право.
Повик за враќање на децата и одговорност
Министерот посочи дека војната носи огромни човечки последици, а посебно ја истакна судбината на украинските деца.
„Повикуваме на итно враќање на сите украинските деца кои биле присилно однесени. Нивната депортација претставува сериозно прекршување на меѓународното право и директна повреда на нивните човекови права, достоинство и безбедност“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека со продолжување на конфликтот сè појасно станува дека не може да има траен мир без одговорност.
Обнова и иднина на Украина
Осврнувајќи се на идната обнова на Украина, Муцунски нагласи дека таа не значи само реконструкција на инфраструктурата, туку и обнова на животи, доверба и надеж.
„Историјата нема да нè суди само според изјавите што ги даваме, туку и според човечноста што ја покажуваме. Нашата должност денес е да помогнеме децата на Украина повторно да се чувствуваат безбедно, повторно да веруваат и да ја градат својата иднина во слободна, мирна и суверена Украина“, порача Муцунски.
