Пријавата за напад во МНТ, која што попладнево ја крена скопската полиција на нозе, е лажна. МВР информира дека по преземените проверки во повеќе објекти е утврдено дека нема закана. „Се преземаат мерки за утврдување на пријавата и преземање на соодветни мерки и санкции против личноста која лажно пријавила. Им благодариме на граѓаните за трпението, и на медиумите за професионалниот однос кон ситуацијата“, велат од полицијата.
Првичните информации беа дека непознато лице се јавило во 16.45 во билетарата на МНТ. По пријавата за напад беа блокирани сите патишта кои водат до Македонскиот народен театар во Скопје.
За два дена ова е втор случај за којшто полицијата вршеше проверки. Вчера три лица беа приведени поради објава на два видео-клипа на платформата „Тик ток“ во кои има лажни закани за можен терористички напад на еден трговски центар во Скопје. Откако биле објавени видеата во акцијата се вклучиле повеќе сектори во МВР, како тој за борба против тероризам и секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, но и Агенцијата за национална безбедност (АНБ).