Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул предупреди на опасност од економска изолација и можни последици за бизнисите доколку десничарската Алтернатива за Германија (АфД) ја преземе власта во источната сојузна покраина Саксонија-Анхалт. Тој нагласи дека враќањето кон национални решенија може да ги загрози Европската Унија, економскиот просперитет, безбедноста и слободата.
„Можам само итно да предупредам на враќање кон национални решенија“, изјави Вадефул за време на денешната средба со еврокомесарот за трговија Марош Шефчович во Министерството за надворешни работи во Берлин.
Шефчович, исто така, предупреди на ризиците од самостојно дејствување на државите во услови на сложена глобална економска средина.
АфД, која е изразено критична кон Европската Унија и се залага Германија да ја напушти еврозоната, се обидува да формира влада во Саксонија-Анхалт по силниот резултат постигнат на покраинските избори.
Доколку партијата ја преземе власта, тоа би можело да биде првпат по завршувањето на Втората светска војна партија што германските власти ја класифицираат како потврден десничарски екстремизам да управува со една германска сојузна покраина.
Запрашан дали евентуалното раководење на АфД со покраината би можело да влијае врз подготвеноста на меѓународните инвеститори да вложуваат во Германија и во Саксонија-Анхалт, Вадефул одговори: „Се надевам дека не“.
Сепак, тој нагласи дека само Европската Унија „ни дава можност да обезбедиме разумни и фер услови за нашата индустрија на глобалниот пазар“. Поради тоа, како што рече, мора да се избегне секоја закана за Унијата.
„Секој што се залага за излегување од еврозоната би ги загрозил кохезијата во рамките на ЕУ, а со тоа и просперитетот, безбедноста и слободата“, порача германскиот министер за надворешни работи.
