Министерството за внатрешни работи распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова (23) од Кочани, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа деновиве се појавила во бугарските медиуми, а МВР соопшти дека проверките покажале оти нема евидентиран нејзин легален влез во Бугарија.

„Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на Основен суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.

Кочанскиот суд претходно ѝ одредил мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и забрана за напуштање на државата. Поради нивното непочитување, денеска ѝ бил одреден 30-дневен притвор, кој ќе почне да тече од моментот кога ќе биде приведена.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека Михаилова незаконски ја напуштила државата и најави распишување меѓународна потерница.

„Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, сè она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ. Тоа Бугарија треба да го покаже со дела, а не само со декларативни изјави“, рече Тошковски.

Претходно, МВР соопшти дека Михајлова нелегално излегла од Македонија и влегла во Бугарија. По проверките преку заедничкиот контакт-центар меѓу двете земји, бугарската гранична полиција известила дека нема евиденција за нејзин легален влез.

„Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија“, соопшти МВР.

Михаилова има и активно бугарско државјанство. Бугарските медиуми објавија дека таа се наоѓа во Софија.