Владата донесе одлука со која се олеснуваат критериумите во кредитната линија за поддршка на претпријатија со дејност од областа на земјоделството со цел зголемување на производството на земјоделските производи и нивните преработки од средствата на компензациските фоднови со кои управува и располага Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје.
Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку оваа кредитна програма на Развојната банка се ставаат на располагање околу 7,1 милиони евра наменети за поддршка на претпријатија во областа на земјоделството. Примената на новите услови за аплицирање за средства од кредитната линија на Развојната банка почнаа со примена од 6 јуни 2022 година. Заинтересираните земјоделски претпријатија за оваа поддршка тековно можат да аплицираат во Развојната банка на Северна Македонија.
– Преку олеснувањето на условите за добивање кредит од Развојната банка се обезбедува поголем опфат на мали и средни претпријатија кои работат во дејноста на преработувачката индустрија на земјоделски производи. На овој начин овозможуваме развој на малите бизниси и освојување на нови пазари преку финализација на производството и развивање на локални брендови. Кредитната поддршка е наменета за земјоделски претпријатија од примарно земјоделско производство, преработка на земјоделски производи и извоз на земјоделски производи, се вели во соопштението.
Од МЗШВ наведуваат дека условите за аплицирање ги олеснуваат, се овозможува сопствено учество од најмалку 10 отсто, за разлика од претходно предвидените 20 отсто од вкупната инвестиција, како и олеснување на степенот на ликвидност на апликантите. Понискиот износ на сопствено учество на малите бизниси дополнително им овозможува поголема ликвидност за време на кредитниот период и дополнителна поддршка во услови на криза.
-Намалување се врши и на каматната стапка од 2 отсто на 1 отсто фиксна годишна каматна стапка. Рокот на отплата се олеснува за основни средства до 120 месеци со вклучен грејс до 24 месеци, а за обртни средства до 24 месеци со вклучен грејс до 12 месеци. Кредитната поддршка на Развојната банка им овозможува на земјоделците добра можност за дополнителни средства во развој на сопствениот бизнис, а преку тоа и развој и модернизација на македонското земјоделство, стои во соопштението.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува сите заинтересирани земјоделски претпријатија да ја искористат оваа кредитна поддршка и на време да аплицираат за добивање средства од Развојната банка на Северна Македонија.