Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците производители на полјоделски култури дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој изврши исплата на субвенциите за полјоделски култури.

Исплатена е финасиска поддршка од 422,4 милиони денари за над 24.000 корисници.

Како корисници на финасиската поддршка се јавуваат земјоделските стопанства кои во 2021/2022 година имаат засеани и ожнеани површини со полјоделски култури. Висината на поддршката изнесува 6000 денари по хектар, освен за сончоглед и афион каде поддршката изнесува 8000 денари по хектар и поддршката за ориз која изнесува 18.000 денари по хектар.

Претходно АФПЗРР навремено изврши исплата и на субвенциите кај лозарите во вредност од 597 милиони денари, до 14.830 лозаропроизводители. Дополнително во следниот период АФПЗРР продолжува со обработка на барањата за исплата на субвенциите кај растителното и сточарско производство по што ќе следи и нивна исплата.

Земјоделството е главен приоритет на Владата. Преку досега најголемиот земјоделски буџет вреден 200 милиони евра обезбедени се средства за редовна и навремена исплата на субвенциите за сите земјоделци.