Во текот на изминатата седмица, покрај заплените на 30.000 евра на граничен премин Богородица, рачни часовници на Аеродромот во Скопје, 6.800 евра на граничен премин Табановце за кои веќе информиравме, царинските службеници спречија обиди за криумчарење на цигари, пури и облека, и тоа:

Цигари

– 69 штеки цигари без акцизни маркички од марката Karelia, Ome и Parliament Aqua Blue, откриени на Меѓународниот Аеродром Скопје, при контрола на патните торби на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Лондон.

По завршување на чекирањето патникот се упатил на царинска,пасошка и безбедносна контрола за излез без да пријави и да декларира нешто, но при преглед на неговиот куфер царинските службеници пронашле 69 штеки непријавени цигари без акцизни маркички. Цигарите се привремено задржани, а против патникот е поведена соодветна постапка.

Пури

– 100 пури од марките Cohiba, Bolivar, Trinidad и Montecristo, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автобус со странски регистарски таблички, на граничен премин Деве Баир на влез во државата.

При преглед на автобусот, позади возачкото седиште во кеси со храна и во ранец со гардероба на возачот, пронајдени се непријавените 100 пури. Стоката е задржана, а против лицето е започната соодветна постапка.

Облека

– 413 парчиња облека (фустани, женски пантолони, маици и кошули), откриени на влез во државта на граничен премин Табановце при контрола на автобус со македонски регистарски таблички. На прашање на царинскиот службеник дали има нешто да пријави, возачот на автобусот изјавил дека нема ништо за пријавување.

При царинска контрола на автобусот, во задна гума и во багажниот простор помеѓу торби и куфери на патници, замотани во најлонски кеси и торби излепени со леплива трака, била пронајдена непријавената стока. Текстилните производи се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.