Републиканскиот сенатор Тед Круз поразот на својата партија го спореди со отфрлањето по аферата Вотергејт и призна дека останал единствениот републиканец на некоја од функциите за кои се гласа на ниво на цел Тексас.

Круз ова го изјави во средата во својот подкаст „Verdict with Ted Cruz“, а истото го повтори и во долгата објава на социјалната мрежа X.

„2026 година не беше само син бран. Тоа беше син цунами. Ова не беа само лоши избори како во 2006 година. Ова беше отфрлање на ниво на Вотергејт“, рече Круз.

Демократите во Тексас ги освоија сите функции за кои се гласа на ниво на сојузната држава, од гувернерската до функциите заменик-гувернер и државен обвинител. Џејмс Таларико го победи Кен Пакстон и стана првиот демократски сенатор од Тексас од 1988 година.

„Јас сум единствениот републиканец избран на ниво на целата држава кој остана во Тексас. Не мислев дека некогаш ќе го кажам ова“, изјави Круз. Тој додаде дека му се јавил на Таларико, му честитал и разговарале за соработката.

Како главна причина за изборниот пораз, Круз ги посочи високите трошоци за живот.

„Храната е прескапа, бензинот е прескап, дизелот е прескап, осигурувањето е прескапо, животот е прескап“, рече тој.

Според пишувањето на CBS Texas, во објавата на X Круз се дистанцирал и од администрацијата на Трамп. Тој напишал дека царините довеле до поскапување на сè и дека војната со Иран трае предолго.

Круз смета дека причината за поразот не е ниската излезност. Според него, републиканците, либертаријанците и независните гласачи излегле на изборите и ги отфрлиле републиканските кандидати.

Тој оцени дека партијата ја изгубила поддршката од работниците, евангелистичките христијани, гласачите од руралните средини, младите и Хиспанците, додавајќи дека таа мора повторно да ја придобие нивната доверба.

Круз предвиде дека републиканците, по пребројувањето на сите гласови, ќе загубат од осум до десет места во Сенатот.

„Ќе се обновиме како вистинска работничка партија“, порача Круз, најавувајќи дека Тексас повторно ќе биде републикански.