Судот во Куманово сепак пресмета дека на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, не му е застарено извршувањето на казната, што значи дека засега тој останува во затворот во Идризово.

Ова за ,Фокус” го потврдуваат од Министерството за правда.

-Во однос на застареноста, неа ја констатира надлежен суд. Од известувањети кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1,К.бр.809/05 настапува на 26.03 2028 година, ни одговорија од правда.

Од таму додаваат дека последен пат е барана екстрадиција во јуни 2020 година, а претходно во 2004 и 2013 година. Всушност, последното барање од пред две години го помести рокот на застарување, затоа и апсолутната застареност е во 2028 година.

Вчера пак првичните пресметки според Кривичниот Законик, укажуваа на застареност, бидејќи поминале повеќе од 10 години откако бил правосилно осуден. Но, во игра влегоа и пресметките со барањата за екстрадиција, кога се прекинуваат роковите на застарување.

Дараврлски вчера беше уапсен на граничниот премин „Табановце“, по 20 години поминати во бегство.

Поточно, Даравелски беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.

Тој сега има право да бара повторено судење, бидејќи првиот пат бил осуден во отсуство. И тука може да се надева на нова застареност, бидејќи од сторување на кривичното дело се поминати 20 години. Но за ова треба допрва да се носат одлуки.

-Министерството за правда е надлежно да постапува сано во постапка за екстрадиција. Дали ќе му биде повторена постапката или не,тоа е во надлежност на судот. Судот е тој кој констатира застареност, велат од Правда.