Заменик- директорката за фармацевтски услуги, Елена Папајотопулу, говорејќи за наводите што се евидентирани на Кипар за можни несакани дејства од вакцините, рече дека е пријавен 131 случај на сомневање за несакани реакции, од кои 72 од вакцината на Фајзер, 56 од Астра Зенека и три од вакцината Модерна, 21 од пријавите биле потежок вид, а останатите биле лесни.

Панајотопулу, паралелно истакна дека не постои лек без никакви несакани дејства, „а тоа може да се види од упатствата за употреба на лековите“.

– Вакцината против Ковид-19, нè заштитува од конкретната болест, а не од сите болести. Нè не прави недопирливи или бесмртни, рече Панајотопулу.

Во однос на следните чекори во националниот план за имунизација на Кипар, заменик-директорката на медицинските служби и службите за јавно здравје, д-р Олга Калакута, објасни дека следната седмица, платформата за закажување термини за вакцинација ќе биде повторно отворена за лицата од 64 до 67 години, како и за оние од 47 до 52-годишна возраст поделени во три групи.

Истакна дека целта е уште еднаш да им се даде можност на постарите одново да се регистрираат, а до седмицата пред Велигден да биде покриена и возрасната група над 40 години, за потоа да започне имунизацијата и на оние од 30 до 39 години.

За набавката на вакцини, Калакута соопшти дека до крајот на месецов очекуваат 2.400 од Џонсон и Џонсон, 6.000-8.400 од Модерна, на почетокот на мај 75.050 дози од Астра Зенека и до крајот на јуни 500.304 од Фајзер.