Комисијата за финансирање и буџет денеска ја продолжи амандманската расправа за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, во рамки на 38-та седница.
На денешното продолжение, не беше прифатен ниту еден од разгледаните амандмани, поднесени од опозицијата.
Со амандманите, поднесувачите бараа средства за потребите на општините, односно изградба на патишта, водоводни мрежи, како и реконструкција на постоечката инфраструктура.
Заменик-министерот за финансии Филип Николоски рече дека општините можат да аплицираат со проекти кои се финансираат од други извори, донации, грантови и кредити.
На ребалансот на Буџетот се поднесени вкупно 204 амандмани. Најмногу амандмани има поднесено пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа над 170, 28 се на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.
Согласно Деловникот за работа, расправата треба да трае 10 дена.
Со ребалансот на Буџетот, вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Износот на вкупните расходи е 288,5 милијарди денари или за околу 161,1 милијарда денари (5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, но од власта најавуваат дека ќе продолжат проектите за изградба на патишта, железници, гасоводи. Се планира економскиот раст да биде 3,2 проценти, инфлацијата да достигне до 7,2 проценти, а дефицитот да биде 42,7 милијарди денари.
Претседателот на Комисијата Бојан Стојановски даде пауза до 15:15 часот.