Новата учебна 2026-2027 година започнува утре, а за сите ученици наставата ќе трае до 10 јуни, со исклучок на матурантите кои учебната година ја завршуваат на 17 мај. Училишната мрежа е оптимизирана, во голем број училишта условите се значително подобрени, обезбедени се учебници за сите ученици, а за учениците со посебни образовни потреби се ангажирани најмногу образовни асистенти досега.

Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, која им посака успех на сите ученици, наставници и стручни соработници.

Учебниците веќе се испорачани

– Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Истите се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција – рече Јаневска.

Министерката информираше дека целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, втор и трето одделение, бидејќи станува збор за учебници во кои има и работни листови. Нови учебници се обезбедени и за осмо одделение, како и за втор клас во гимназиското образование, каде што ќе се учи според нови наставни програми.

Едносменска настава во 620 училишта

Едносменска настава ќе има во 620 училишни објекти од вкупно 1023 во основното и средното образование. Јаневска посочи дека тоа е концепт за кој се залага Владата, бидејќи носи повеќе придобивки, при што најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување во училиштето доволно време за совладување на целиот материјал и стекнување соодветни вештини.

– Ги поддржуваме општините да воведуваат едносменска настава во што повеќе училишта и во таа насока градиме објекти и доградуваме училници. Во моментов министерството и Владата ги прошируваат капацитетите на 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а уште 15 проекти ќе започнеме етапно во следните неколку месеци – рече министерката.

Завршени се реконструктивни активности во 20тина училишни објекти и спортски сали. Во тек е и изградба на четири нови сали, кои многу скоро ќе бидат пуштени во употреба.

Јаневска потсети и дека преку програмата на Владата за финансирање на капитални проекти во општините, во тек е реализација на 50тина инвестиции за изградби и реконструкции на училишта, за нови спортски сали и училишни базени.

Повеќе асистенти за учениците

За да им се олесни образовниот процес на учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование.

– За да им се олесни процесот на образование на учениците со посебни образовни потреби, ангажираме 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе потсетам дека е достапна можноста која законски ја уредивме минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или пак, наставникот индивидуално да работи со нив – нагласи Јаневска.

Ново зголемување на платите

Наставниците и сите други вработени во училиштата во март 2027 година ќе добијат ново покачување на платите помеѓу 7,5 и 10 проценти, зависно од стапката на инфлација.

Според министерката, зголемувањето е согласно договорот со СОНК од пред две години. Преку тој договор досега платите пораснаа за над 20 проценти, додека околу 300 наставници и стручни соработници напредуваа во звања ментор и советник, што исто така подразбира зголемен личен приход.

Јаневска им се заблагодари на наставниците и вработените за посветеноста кон учениците и рече дека очекува партнерскиот однос да продолжи, со цел да се создаваат сè подобри и подобри генерации.

Бројот на ученици повторно се намалува

Министерката укажа дека продолжува трендот на намалување на бројот на ученици. Според податоците што пристигнале во МОН, учебната година ќе ја започнат 238 илјади ученици – 174 илјади основци и 64 илјади средношколци.

За првпат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња.

Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември времено ќе се затворат 26 подрачни училишта. Вкупниот број празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини, изнесува 148.

Негативниот тренд поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата.

Помалку паралелки, поголеми групи

– Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример 2 паралелки со по 2 ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното – објасни министерката.

Јаневска додаде дека иако одредени политички субјекти се обидоа ова да го претстават како страшен потег и крах на образованието, станува збор за позитивна промена во интерес на учениците. Притоа, како што рече, ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен од работа.

Поддршка за талентираните

Во новата учебна година продолжува грижата за талентираните ученици, која во минатото недостасуваше. Министерството целосно ќе ги покрива трошоците за пат и учество на меѓународни научни олимпијади.

Поевтин училишен прибор во септември

Во септември семејствата на учениците ќе можат да купуваат училишен прибор со намалена малопродажна цена за најмалку 15 проценти, за што Владата донесе одлука.

Во октомври ќе бидат објавени и конкурсите за ученички стипендии.