Зеленски во петок во Белата куќа – со Трамп ќе потпише „многу голем договор“

Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски во петок ќе ја посети Белата куќа, каде што двајцата лидери ќе потпишат, како што Трамп го нарече, „многу голем договор“.

Трамп, исто така, нагласи дека „работите одат многу добро со Русија“. Го пофали својот тим за „неверојатната работа“ што ја направиле на тој план.

Сѐ уште нема јасни детали околу содржината на договорот за минерали, кој беше склучен под силен притисок од администрацијата на Трамп.

Билатерален договор во петок

И украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди средбата, истакнувајќи дека таа ќе биде од клучно значење за билатералниот договор за минерали.

„Гаранциите за мир и безбедност се клучни за да се осигура дека Русија повеќе нема да ги уништува животите на другите народи“, рече Зеленски.

Тој се осврна и за американската помош.

„Ќе се сретнам со претседателот Трамп. За мене и за сите нас во светот, клучно е американската помош да не биде прекината. Потребна е сила на патот кон мирот“, изјави украинскиот претседател.

Во текот на вчерашниот ден Трамп се огласи за Зеленски и членството на Украина во НАТО.