Болниците во Тетово и Гостивар се преоптоварени, а секој пациент на кој што му е потребно болничко место, по претходна најава се праќа во Скопје. Болничките капацитети се делумно оптоварени и во Кичево и Струга. Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас, укажа вчера министерот за здрваство Венко Филипче, и ги повика граѓаните да се вакцинираат, повторувајќи дека вакцини има од сите типови и во доволно количини.
-Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот имунитет е потраен. Сите препораки укажуваат за што пократко време луѓето да се имунизираат. Така ќе се зголеми степенот на вакцинација и ќе се постигне колективен имунитет. Треба да спречиме следни бранови, ова мора да го прекинеме, изјави Филипче.
Над 650 илјади граѓани досега примиле барем една доза вакцина, а поради зголемениот интерес за вакцинирање, од следната недела повторно се отвора пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“.
-Тоа ќе биде малата сала, не големата, и ќе има 20-ина места каде што ќе може да се спроведе вакцинација. Верувам дека тоа ќе ги растовари метежите и редиците што ги имаме пред здравствените домови, порача Филипче.
Според податоците од Министерството за здравство, во претходното деноноќие биле регистрирани 1.250 нови случаи на КОВИД-19, а пријавени се 22 починати лица, на 20 август – 1.074 новозаболени и 22 починати, на 19 август – 1.158 новозабилени и 19 починати, на 18 август 1.081 новозаболени и 15 починати и на 17 август 999 новозаболени и 14 починати.
Само во периодот од 17 до 21 август починати се вкупно 94 лица, додека последен пат без починат пациент е 3 август.
Според епидемиолошки анализи во моментов, дистрибуцијата по градови е следна: Скопје – 3421 активен случај, потоа следат Тетово – 1.754, Гостивар – 1.518, Куманово – 656, Кичево – 524, Струмица – 481, Струга – 308, Охрид – 284, Битола – 187, Дебар – 173, Прилеп – 141, Штип – 109, Велес – 107, Кавадарци – 102, Кочани – 88, Ресен – 83, Радовиш – 61, Свети Николе и Берово – по 52, Гевгелија – 40, Македонски Брод – 37, Валандово – 35, Кратово – 34, Виница – 33, Делчево – 22, Пробиштип – 13, Богданци – 12, Крива Паланка и Пехчево – по 10, Неготино – девет, Демир Хисар – осум, Крушево – шест, Македонска Каменица – пет, Демир Капија – три и Дојран – два активни случаи.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 167.991, бројката на оздравени пациенти е 151.957, на починати е 5.654, а бројот на активни случаи изнесува 10.380. Досега во земјата се направени вкупно 1.101.838 тестирања на Ковид-19.