Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk , бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
– Вкупно се аплицирани 145.043 дози вакцини против Ковид-19 во државава. Од нив 121.181 граѓани се вакцинирани со прва доза, а ревакцинирани се 23.862 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.076 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.033 граѓани. Со последните бројки 35 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, посочуваат од Министерството.
Оттаму информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата е 303.574 граѓани.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.
Министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил синоќа напиша дека добиле уште една добра вест од УНИЦЕФ, а тоа е дека на 14 мај ќе стигне втората пратка вакцини што ги обезбедиле преку КОВАКС механизмот и ќе бидат испорачани 38.400 вакцини од производителот „Астра Зенека“. Вакцини, посочува министерот, ќе продолжат да пристигнуваат во следниот период.
– Апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинција на www.vakcinacija.mk , објави Филипче.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, регистрирани се 171 случај со Ковид-19, 26 починати и 409 оздравени пациенти.
Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.222, бројот на оздравени пациенти е 138.779, на починати е 5.135, а на активни случаи изнесува 10.308 од кои 4785 се во Скопје.
На инфективните одделенија во државава се лекуваат 701 пациент со Ковид-19 од кои 289 се во Скопје.