Тој смета дека мерките даваат резултати, но потребно е максимално да се придржуваме до нив за да го надминеме и овој епидемиолошки бран.

Околу 35 000 граѓани се вакцинирани до вчера во земјава. Од нив, околу 13 000 ја примиле вакцината на „Астра Зенека“, од која има уште 10 000 на располагање, нешто помалку од 3000 има од руската „Спутник“ и 1000 од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови, бидејќи често доаѓаат со придружба.

На 19 и 26 април, како што беше завчера соопштено, се очекува во државава да стигнат по 10 000 вакцини „Фајзер“.

– Дози од вакцините се распределуваат низ пунтовите низ државата, а системот ќе се дополни и со вакцините на „Фајзер“, кои во понеделник со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје, изјави вчера Филипче.

Околу 28 април ќе дојдат и 200 000 кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Оцени дека имунизацијата се одвива добро и со иста динамика, но дека има поголема фреквенција на закажување во текот на оваа недела. Најави и подготвување на поголеми пунктови во шесте градови кои ќе бидат регионлани центри за имунизација. -Планот е да се зголеми бројот на закажани термини во пунктовите во шесте градови – во спортски сали, улилишта или каде што ќе се одреди дека е најсоодветно, а тимот од Министерството кој ја организираше работата во СЦ „Борис Траковски“ викендов ќе оди да ги посети шесте градови кои ќе бидат регионални центри, изјави Филипче.

Неподвижните лица, рече, ќе бидат вакцинирани теренски, во нивните домови, согласно со пријавувањата и приоритетите. На прашањето кога ќе се вакцинира тој и со која вакцина, министерот одговори дека нема преференции и дека сите се безбедни.

-Нека стигнат повеќе вакцини, ќе се вакцинирам и јас. Доколку видиме и процениме дека постои сомнеж, а во овој момент не гледам, освен она што постоеше за „Астра Зенека“ за која ние веќе зазедовме став, одговори Филипче.

Тој рече дека граѓаните ќе можат да испитуваат антитела на товар на Фондот, но ќе бидат потребни одредени критериуми и нема да може тоа да го прави секој.

– Разговарав со директорот на Институтот и заклучивме дека, сепак, има индикации да се прават испитувања за антитела. Се договоривме, да се врати повторно одлуката да се прават тие испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но под одредени критериуми, да не биде дека кој било може да го направи тоа испитување оти финансискиот товар е многу голем, истакна министерот.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од направени 3616 тестирања, регистрирани 908 нови случаи со Ковид-19, оздравени се 732 пациенти, а починати се 31 лице.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 145 909, бројот на оздравени пациенти е 121 439, на починати е 4388. Вкупниот број активни случаи изнесува 20 082 од кои 9056 се во Скопје.

На инфективните оддели во државава се лекуваат вкупно 1708 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот од кои 704 во Скопје. Има околу 338 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.