Наместо да се извинат за штетата која ја направија, СДСМ создава  хистерија и ја дезинформира  јавноста. Вака Министерството за надворешни работи ги оцени обвинувањата на опозицискиот СДСМ – дека Владата се подготвува за прифаќање на францускиот предлог и дека за тоа постојат јасни сигнали од Брисел. Оттаму ги отфрлија како невистинити тврдењата на опозицијата дека власта води таен договор за започнување преговори со Европската Унија.

Од Министерството велат дека институциите редовно и транспарентно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, меѓу кои и со Бугарија и со другите меѓународни партнери, но дека позицијата на Владата останува непроменета во однос на условите кои земјава ги добива на својот евроинтегративен пат.

„Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа влада“,велат од МН, додавајќи дека не постојат ниту некакви тајни договори, како што тврди СДСМ.

Од Министерството оценуваат дека за разлика од минатото, кога далеку од очите на јавноста се прифаќале договори и компромиси на штета на националните позиции, денес надворешната политика се води транспарентно, одговорно, принципиелно и согласно со националните интереси и волјата на граѓаните.

„Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции. Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста. Повеќе од очигледно е дека на СДСМ му е поважно преку вакви прес-конференции да им се додворува на одредени политички кругови во соседството отколку да ги брани интересите на сопствената држава“,додаваат од МНР.

Реакцијата следува откако претходно денеска СДСМ обвини дека владата на Христијан Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека за тоа веќе постојат јасни сигнали од Брисел, Берлин и од Париз. За ваквите наводи, од партијата се повикаа на информации од Брисел.