СВР Велес поднесе кривична пријава против Б.Д.(50) од Демир Капија – вработен во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство Демир Капија, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и Б.П.(48) од Демир Капија – вработен во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство Демир Капија, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.
Првопријавениот – референт по шуми го поттикнал второпријавениот – директор во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство Демир Капија, да му овозможи да се стекне со противправна имотна корист, а на штета на јавното претпријатие.
Првопријавениот организирал на лице од с.Тремник, неготинско, да му бидат однесени огревни дрва и за нив платил во готово. Подоцна, првопријавениот уплатил само дел од парите, а 30.836 денари задржал за себе, а на штета на ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство. Второпријавениот, ги пречекорил службените должности и овластувања со тоа што спротивно на законските прописи му одобрил на првопријавениот испорачаните огревни дрва да ги наплати, а паричните средства да си ги задржи за себе.
Исто така, второпријавениот, со намера да ги прикрие кривичните дела со незаконска наплата на огревните дрва, сочинил лажна опомена адресирана кон лицето од с.Тремник и ја приложил на полициските службеници како вистинска, а при увидот во архивската книга, под наведениот број бил заведен друг акт.