Седум Авганистанци, меѓу кои и двегодишно девојче, загинаа во стампедо што избувна во саботата.

Синоќа на аеродромот во Кабул имаше судир на огнено оружје на американски, германски и авганистански војници со непознати напаѓачи.

Во борбите загина еден Авганистанец, а тројца се ранети, објави германската војска на Твитер. Тие не кажаа дали убиениот Авганистанец е еден од талибанските милитанти кои ги чуваат приодите кон аеродромот.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека му наложил на Стејт департментот да стапи во контакт со Американците кои се во земјата, каде што се талибанските контролни пунктови.

„Ние извршуваме план за преместување на групи на овие Американци во безбедна и сигурна и ефикасна релокација на аеродромот. Од безбедносни причини, нема да навлегувам во детали … но денес повторно ќе кажам што веќе правам: Секој Американец кој сака да се врати дома ќе се врати дома“, рече Бајден.

Тој додаде дека ќе им помогне на западните сојузници на Авганистан и ранливите Авганистанци, како што се активисти и новинари.

Официјален претставник на НАТО за Ројтерс вчера изјави дека 20 лица загинале на аеродромот и околу него од минатата недела, кога Талибанците го освоија Кабул. Дел беше застрелан, а дел беше прегазен за време на стампедото што избувна.

Останува само една недела до крајниот рок за повлекување на САД од Авганистан. Портпаролот на Талибанците во Доха се закани со Скај њуз дека „ќе има последици“ доколку американскиот претседател eо Бајден не го исполни ветувањето и не ги повлече сите американски војници до 31 август.

“Тоа е црвена линија. Претседателот Бајден најави дека ќе ги повлече сите свои воени сили до 31 август. Ако го продолжи тој рок, тоа значи дека тие непотребно ја продолжуваат окупацијата”, изјави Сухаил Шахин, портпарол на Талибанците.

“Ако САД или Велика Британија побараат да се продолжи рокот, одговорот е негативен. Или ќе има последица во спротивно”, додаде Шахин.

“Тоа би создало недоверба. Ако нивната намера е да ја продолжат окупацијата, ќе има реакции”, изјави портпаролот на Талибанците.