Враќањето на довербата во Јавното обвинителство како прв приоритет
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека приоритет за новиот државен јавен обвинител мора да биде враќањето на довербата во Јавното обвинителство и активирањето на големиот број кривични пријави кои, како што рече, со месеци и години не добиле институционален одговор. Тој ова го истакна одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, нагласувајќи дека граѓаните со право очекуваат конкретни резултати, а не декларативни заложби.
„Од она што сум избрифиран од правниот тим, процедурата не би требало да трае повеќе од 1,5 – 2 месеца додека дојде на дневен ред изборот на новиот јавен обвинител. Очекувам во овој период да се избере јавен обвинител и тој да се зафати со темелна и напорна работа. Многу го чека. Во неформален разговор со колегите во Владата и институциите, во овие 1,5 година повеќе или помалку, обесхрабрувачки за сите нас, имаше појава во која институциите поднесуваа кривични пријави, а Обвинителството молчи. Можеби станува збор за неколку стотици такви случаи. Тоа што сме добро воспитани и што не правиме естрада, ниту се обидуваме да правиме упади во домови наутро пред децата на осомничените, па под превезот на истрага да снимаме со камери како некогаш, тоа не значи дека не се поднесени тие поднесоци,“ рече Мицкоски.
Довербата во правдата како клучна реформа
Премиерот потенцираше дека Владата не може да преземе улога на обвинител или судија, туку може единствено да достави кривични пријави до надлежните институции. Од тој момент, одговорноста, како што нагласи, е кај обвинителите и судиите.
„Од тој момент натаму, обвинителите и судиите се тие што обвинуваат и судат. Ова треба да биде прва, основна задача на јавниот обвинител – да ја врати довербата во институцијата Јавно обвинителство, а потоа и во судовите, зашто нема успех на ниту едно поле ако немате силна правна држава. Ако имате силна правна држава ќе имате и инвестиции, силна економија, работни места, добри плати,… Ова е многу важно за периодот што следи зашто голем дел од законите од реформската агенда ќе бидат пред Собранието. Дел од нив го поминаа филтерот на Венецијанската комисија, еден од нив е законот за судски совет што е веќе во собраниска процедура и очекувам до крајот на годината или следната да се донесе. Потоа ќе се најдат законот за совет на јавни обвинители, законот за судски совет, законот за јавно-обвинителство и за судска служба, сет од закони кои очекувам во јануари да се најдат пред Собранието,“ рече Мицкоски.
Владата, реформите и поддршката за институциите
Мицкоски повтори дека Владата излегла во пресрет на барањата на јавните обвинители и судиите, особено во делот на кадровското планирање и институционалната поддршка.
„Немаме тука никаков проблем со обвинителите и судиите, дадовме и насока да се направи мапирање на судовите и јавните обвинителства за вработени кои се дел од службата – ИТ експерти, сметководители, технички асистенти и врз основа на тоа да обезбедиме средства со Буџетот и ребалансот. Се што бараат од нас, направивме,“ напомена премиерот Мицкоски.
Тој уште еднаш подвлече дека суштинската реформа не е во зголемување на плати или буџети, туку во реална и видлива борба за правда, која граѓаните одамна ја очекуваат.
