Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Брвеница, Стојанче Радичевски, упати јавна благодарност до сите граѓани за укажаната поддршка, довербата и секој даден глас на вчерашните локални избори.

„Нашата заедничка цел беше и останува ЕДНА БРВЕНИЦА ЗА СИТЕ! Иако овојпат не успеавме да ја оствариме победата, нашата посветеност кон граѓаните и општината не завршува овде. Ќе продолжиме со истата енергија, одговорност и посветеност да работиме за секој човек, за секое населено место и за подобра иднина на нашата Брвеница“, истакна Радичевски.

Тој во своето обраќање посочи дека во целост ги почитува изборните резултати и изразената демократска волја на граѓаните во општината.

„Веруваме дека заедништвото, меѓусебната почит и работата за општото добро треба да останат наши заеднички вредности“, посочи Радичевски.