Насилството во општеството никогаш не смее да се прикрива зад навидум нормално однесување, а жртвите не смеат да останат осамени во справувањето со последиците. Оваа порака ја испрати Борис Шамбевски за време на панел-дискусијата посветена на борбата против семејното и општественото насилство организирана во Скопје.

„Не смееме да дозволиме во нашето општество позади навидум прифатливо однесување или шегување да се кријат насилници со малициозни намери, она што мораме ние да го направиме за жртвите да не се осеќаат дека се сами е прво да ја поставиме оваа граница, а од таа граница понатаму јасно и недвосмислено ги стигматизираме сите видови на насилство и едноставно никој да не помисли дали тоа ќе биде млад човек или ќе биде постар човек, дека преку насилство може да се популаризира, треба да воспоставиме една општествена клима во којашто на никого нема да му падне на памет заради реакцијата од општеството и жртвата нема никогаш повторно да се чувствува дека е сама во справување со последиците од насилството“, рече Шамбевски.

Шамбевски подвлече дека активностите насочени кон заштита и едукација ќе продолжат со силен интензитет и по истекот на актуелната кампања. Целта на овие иницијативи е преку детекција на раните симптоми на агресивно однесување да се изгради свесна заедница во која секој поединец ќе се чувствува заштитен.

„Нема да дозволиме ниту еден млад човек да се осети дека не може да учи, да расте, да се развива без притоа да има страв дека ќе стане мета на насилство, токму тоа ние нема да го дозволиме. Како Унија на млади сили искрено веруваме дека првиот чекор кон превенирањето токму почнува од едукацијата и од препознавање на раните форми на насилство. Нема да застанеме на овие 16 дена активизам, туку ќе направиме серија на активности во коишто ќе ја креваме свеста кај младите луѓе дека ова едноставно не може повеќе да продолжи понатаму вака, ќе инсистираме да може секој еден од нас прво да ги препознае раните форми на насилство, а потоа да искреираме генерација на храбри, млади луѓе коишто при гледање на насилства нема да се повлекуваат туку напротив ќе реагираат“, дециден е Шамбевски.