Наставникот по ликовно образование Стефан Поповски од Битола цела учебна година одел на работа во подрачно основно училиште во Битолско без да му се каже дека добил отказ уште лани во јануари, без да знае дека не е на платен список и нема договор за работно ангажирање, објави порталот Апла.

Настаникот ангажиран во три училишта со цел да оформи полн фонд на часови, ниту претпоставувал дека бил тргнат од списокот за исплата на плата од подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола. Во ова училиште одржувал по 4 работни часа неделно (во шесто и во осмо одделение), секоја ден доаѓал на работа, на настава, се ангажирал не само околу наставата туку и околу училишните активности, праќал деца на натпревари, на ликовни конкурси, добивал награди, цртал мурали, но не знаел дека е отстранет од платниот список на училиштето и сѐ што му следува по закон за работни односи. Тоа го увидел неодамна и реагирал.

– Веќе два месеца си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш веќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа, дојдоа директорката на ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола и подрачната директорка и ми забранија влез во училиштето. Правдата ќе ја барам на суд, судот нека одлучи, а не молкот – вели Поповски за редакцијата на Апла на која ѝ приложил и документи.

Наставникот во 2020 година бил ангажиран во три училишта, во ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Коле Канински“ Битола и ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола, и сѐ било регуларно и со согласности од МОН и од Општината. Но, како што се менувале директори во ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола, Стефан бил тргнат од платниот список на наставниот кадар без да биде информиран. Училиштето сега му доставува документ за наводен отказ на кој тој не е потпишан, а на документот немало печат ни од бившата директорка, туку само потпис. Со решение за престанок на работен однос бившата директорка напишала дека Стефан Поповски на работа е ангажиран заклучно до 29 јануари 2025 година и не му се продолжува договорот за работа. Меѓутоа Стефан тврди дека вакво решение лани не добил, сега прв пат го видел и затоа нема потпис од негова страна на решението. За цело време, тој си држел настава како ништо да не се сменило.

Прашањето е зошто бил ставен во распоред на часови и во Годишната програма на училиштето ако имал отказно решение.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски за случајот со наставникот Стефан Поповски објави дека внимателно ги следи случувањата со наставникот од ОУ „Тодор Ангелевски“.

„Дадов налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите изнесени од страна на наставникот и доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето. Сепак, да оставиме работите да се одвиваат согласно процедурите“, објави Коњановски.