Денес е разрешен секретарот на Град Скопје, Зоран Глигоров а на негово е назначена Наталија Митовска од порталот „Инфомакс“. – јавува Фактор.мк.

Наталија Митовска е сопруга на Александар Митовски, кој го води порталот „Инфомакс“ и е водител на онлајн поткасти во кои гостуваше и самата во форма на ководител. Овој портал важи за близок до градоначакничката на Скопје, Данела Арсовска, која сега Наталија ја назначува за прв човек на нејзината администрација.

Инаку, Митовска важеше за близок соработник на Љубе Бошковски додека тој на почетокот на двеилјадитите беше министер за внатрешни работи. По падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт, беше потпретседател на партијата ДРУМ. Подоцна, заедно со нејзиниот сегашен сопруг беа дел од партија на Љубе Бошковски, Обединети за Македонија, која тој ја формираше кога се врати од Хаг. По апсењето на Бошковски, Митовсја пребега кон партијата ВМРО-ДПМНЕ, која медиумски ја поддржуваше нејзиниот сопруг, но заедно и откажаа љубов по локалните избори во 2021. Според некои тврдења, до 1997 Митовска (тогаш Ивева) била дел и од СДСМ.

-Од 1998 година работи како советник на потпретседателот на Владата, а од 2000 до 2002 била помошник министер за внатрешни работи задолжен за меѓународна соработка и европски интеграции. Митовска била и советник на генералниот директор на ЕЛЕМ од 2015-2019 година во период кога претпријатието ги бележеше најдобрите економски и оперативни резултати, има искуство во приватниот сектор со високи извршни позиции, како и работа како асистент професор по политички науки. – велат од Град Скопје.

Додаваат дека на позицијата секретар на градот Скопје доаѓа како професионалец кој може значително да придонесе кон работата на градската администрација и реализација на проектите од програмата За модерно Скопје. Новата генерална секретарка е родена и израсната во Кавадарци.

Претходникот на Митовска во неколку наврати имаше скандали, меѓу кои и за семејно насилство.