НАТО ја осуди Русија за злонамерни кибер активности и ја повика да престане со дестабилизација на членките и Украина, предупредувајќи на закани по клучната инфраструктура

Северноатлантскиот совет на НАТО денеска соопшти дека остро ги осудува злонамерните кибер активности на Русија, посочувајќи дека тие претставуваат директна закана за безбедноста на западните сојузници. Советот ја повика Москва веднаш да ги прекине дестабилизирачките активности насочени кон членките на Алијансата и Украина.

Во објавата на официјалната веб-страница на НАТО се наведува дека Естонија, Франција, Велика Британија и САД неодамна ѝ ги припишале ваквите напади на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Според нив, мета биле неколку членки на НАТО, како и Украина.

Северноатлантскиот совет потсетува дека Германија и Чешка во текот на 2024 година поединечно обвиниле руски актери за кибер напади, конкретно хакерската група APT 28, финансирана од ГРУ. Истовремено, Советот посочи дека истиот актер бил насочен и кон владини ентитети, оператори на клучна инфраструктура и други цели ширум НАТО.

„Континуираните напади врз нашата клучна инфраструктура, со штетни влијанија во неколку сектори, илустрираат колку кибер и пошироко хибридните закани станаа важни алатки во кампањата на Русија насочена кон дестабилизација на сојузниците, и во бруталната и со ништо не предизвикана агресорска војна на Русија против Украина“, се наведува во соопштението.

НАТО ја повика Русија да ги прекине дестабилизирачките кибер и хибридни активности.

„Руските акции нема да ја одвратат поддршката на сојузниците за Украина. Ќе продолжиме да ги користиме лекциите научени од војната против Украина во спротивставувањето на руските злонамерни кибер активности“, додаде Советот.

НАТО нагласува дека се залага за слободен, отворен, мирен и безбеден кибер простор, и ги повикува сите држави, вклучително и Русија, да ги почитуваат меѓународните обврски и да дејствуваат во согласност со рамката на ОН.