Раперот Снуп Дог и рок-пејачката Кели Кларксон ќе бидат домаќини на „Натпреварот за песна на Америка“ (American Song Contest), по теркот на Евровизија.

Натпреварот ќе биде прикажан на американската мрежа Ен-Би-Си. Шоуто почнува во март, а големото финале е закажано за 9 мај. Ќе учествуваат изведувачи – солисти, дуети или групи од сите педесет американски сојузни држави, од областа на Вашингтон и од петте поврзани американски територии.

„Чест ми е што го водам натпреварот за Песна на Америка со мојата сестра Кели Кларксон“, нагласи Снуп Дог во писмена изјава за медиумите.

Кларксон беше победничка на првото издание на Американскиот идол во 2002 година, а потоа доби две „Греми“ награди и имаше милиони продадени албуми.

– Јас сум голем обожавател на евровизискиот концепт и воодушевена сум што овој музички феномен доаѓа во Америка. Возбудена сум што ќе работам со Снуп и едвај чекам да ја видам секоја држава и територија претставена од својот уметник, рече таа.

Натпреварот за песна на Америка ќе се прикажува на телевизија и, според организаторите, ќе биде отворен за сите музичари, без разлика дали се аматери или веќе имаат договор со издавачка куќа.