-Најдобриот начин да се заштитиме од заразата е да се вакцинираме, велат стручните лица.

Заштита постои и после прележан коронавирус, а научниците ги интересираше кој штити подобро, вакцината или природниот имунитет.

Ова го истражуваа научниците предводени од Жоел Пелети и Жан-Франсоа Масон, професори на отсекот за хемија на универзитетот во Монтреал.

Во својата студија објавена во магазинот „Сајентифик Рипортс“ тие истакнаа дека луѓето вакцинирани со Фајзер или АстраЗенека имале ниво на антитела кое било повисоко во однос на оние кои ја прележале инфекцијата по природен пат. Овие антитела исто така се ефикасни и против делта варијантата на вирусот која не била присутна во Квебек во моментот кога се собрани примероци за испитување.

Масон, специјалист за биомедицински инструменти и Пелети, стручњак за хемија на протеини, биле посебно заинтересирани за групата луѓе која е најмалку проучувана, а тоа се луѓето кои се заразиле, но не биле хоспитализирани бидејќи имале благи симптоми.

Во испитувањето учествувале 32 лица од Канада и тоа од 14 до 21-от ден откако им бил дијагностициран вирусот со ПЦР-тест, но немале потреба од болница. Важно е да се напомене дека тоа се случувало во 2020 година пред да се појават бета, делта и гама варијанта.

– Секој кој бил заразен произведува антитела, но постарите луѓе произведуваат повеќе од оние кои се помлади од 50 години. Покрај тоа, антителата се уште биле присутни во нивниот крвоток и четири месеци по дијагнозата – истакна Масон.

Антителата кои се добиени по инфекцијата со оригиналиот сој на вирусот реагирале на варијантите на ковид-19 кои се појавија во следните бранови на пандемијата, но во помала мера и нивната моќ се намалила од 30 до 50%.

– Резултатот кој не изненади е дека антителата произведени по природна инфекција кај постарите од 50 години пружа поголем степен на заштита отколку кај луѓето помлади од 50 години – истакна Пелети.

Кога се вакцинирал некој кој имал лесна клиничка слика на ковид, нивото на антитела во неговата крв двојно се зголемува во споредба со невакцинираното лице кое било заразено.

– Имаме личност помлада од 49 години кај која инфекцијата не произвела антитела кои ја инхибираат интеракцијата со спајк протеинот АЦЕ-2 за разлика од вакцинацијата. Ова сугерира дека вакцината ја зголемува заштита од делта варијантата меѓу луѓето кои биле претходно заразени со оригиналниот сој – заклучи Масон.