Граѓаните продолжуваат со зголемена употреба на дигиталните канали за вршење на плаќањата, а особено на употребата на платежните картички и мобилните апликации за електронско иницирање на кредитните трансфери и во првиот квартал од 2022 година, соопшти Народната банка.
Бројот на трансакции извршени во земјата со платежни картички издадени кај нас пораснал за 15,8 отсто на годишно ниво, додека вредноста на извршените трансакции пораснала за 13,2 процента. Забележан е годишен раст на бројот на плаќањата со платежни картички на физичките места на продажба за 19,5 отсто, како и годишен раст од 8,7 проценти на виртуелните (интернет) продажни места.
Кај кредитните трансфери, исто така, забележан е годишен раст, како кај бројот на трансакции, така и кај вредноста. Во првиот квартал од 2022 година, граѓаните извршиле 17 проценти повеќе плаќања преку кредитни трансфери, додека вредноста на трансакциите била повисока за 28,6 отсто.
Електронското банкарство и неговата употреба при иницирањето на кредитните трансфери, продолжува да расте и во првиот квартал од 2022 година. Електронски иницираните кредитни трансфери забележаа раст од 9,5 отсто на годишна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации со кои извршиле над една половина од вкупниот број на електронски иницирани кредитни трансфери. Притоа, бројот на плаќањата извршени со мобилен телефон пораснал за 18,4 отсто на годишна основа. Истовремено, значително поумерен годишен раст со 1,7 проценти е забележан кај употребата на компјутерите за извршување плаќања.
Податоците за платежната статистика за првиот квартал од 2022 година се достапни на https://www.nbrm.mk/platiezhna_statistika.nspx.