Отворена опција за воен конфликт со Венецуела и нови мерки врз нафтениот сектор
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека администрацијата во Вашингтон не ја затвора вратата за можен воен конфликт со Венецуела, испраќајќи нова остра порака во односите меѓу двете земји.
Во телефонско интервју за Ен-Би-Си Њуз, објавено денеска, Трамп директно одговори на прашањето за евентуална војна.
„Не го исклучувам тоа, не“, изјави американскиот претседател.
Заплени на танкери и целосна блокада
Покрај воената реторика, Трамп најави и продолжување на економскиот притисок врз Каракас. Тој рече дека се планираат дополнителни заплени на нафтени танкери во близина на венецуелските територијални води.
Американскиот претседател во вторникот нареди „целосна блокада“ на сите санкционирани танкери за нафта кои влегуваат или излегуваат од Венецуела. Со оваа мерка, Вашингтон дополнително го заострува притисокот врз владата на Николас Мадуро.
Целта на најновите потези, според најавите, е директен удар врз нафтениот сектор, кој претставува главен извор на приходи за венецуелската држава.
