Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отфрли предлогот Украина да добие статус на „придружна“ членка на Европската Унија, оценувајќи дека таквото решение би било неправедно и би ја оставило земјата без право на глас во европските институции.

Во писмо испратено до лидерите на ЕУ, Зеленски порача дека Украина не прифаќа „половични мерки“ и инсистира на целосно и рамноправно членство во Унијата.

„Би било неправедно Украина да биде присутна во Европската Унија, но да молчи. Сега е моментот да се продолжи со целосно и значајно членство на Украина во ЕК“, наведе Зеленски.

Писмото е адресирано до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и кипарскиот претседател Никос Христодулидес, чија земја моментално претседава со Советот на ЕУ.

Според Зеленски, заминувањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан отвора можност за напредок во преговорите за членство на Украина во ЕУ.

„Ние ја штитиме Европа – во целост, не делумно и не со половични мерки. Украина заслужува фер пристап и еднакви права во Европа“, порача украинскиот претседател.