Американската најава за изградба на привремено морско пристаниште во Газа за транспорт на хуманитарна помош влева трошка надеж дека ќе се олесни страдањето на цивилите. ООН предупредија, испораката по воздушен или морски пат не може да ја замени копнената рута.
„Страдањето во Газа е големо. Видов 2.500 камиони натоварени со хуманитарна помош кои чекаа да влезат внатре. Предизвикот е безбедноста и дистрибуцијата, затоа дадовме опции за транспорт по море за да може да се внесе помошта во Газа“, изјави генерал Ерик Курила, командант од Централна команда на САД.
Од Тел Авив со став, важно е помошта да не заврши во рацете на Хамас. Пакети со помош веќе беа пуштени од воздух во енклавата. Јордан во соработка со други земји изврши воздушни фрлања со авиони на Кралските воздухопловни сили на Египет, САД, Франција, Холандија и Белгија.
„Израел ја контролира целата помош. Стануваме подобри во дистрибуцијата, но Хамас и натаму се обидува да ја украде помошта. Категорично ќе ви кажам дека не постојат ограничувања за износот на помошта што може да оди во Газа“, изјави Ави Химан, портпарол на Владата на Израел.
Во тек се подготовките за светиот месец Рамазан кој годинава е поразличен за Палестинците. Борбите, најверојатно, во голема мера ќе ја засенат прославата и на Западниот Брег, каде што е забележан пораст на насилството по избувнувањето на војната на 7-ми октомври.
„Никој нема желба да се подготвува или да го прослави месецот рамазан, бидејќи оние што се убиени во Газа се наши луѓе“, Велат локалните жители.
Преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа во овој момент се во ќорсокак. Се очекува да продолжат идната недела, и покрај најавите дека ќе стапи примирје до почетокот на светиот месец.