Европската комесарка за проширување Марта Кос оцени дека последните измени на судските закони во Србија се чекор назад. Во интервју за Н1 изјави дека со нив е нарушена довербата на Европската Унија.

Кос рече дека очекува српските власти да го суспендираат спроведувањето на законите. Во однос на потписот на претседателот Александар Вучиќ, посочи дека „може само да претпостави која е причината“ и дека таа и нејзиниот тим направиле проценка „која не е добра“.

Осврнувајќи се на регионот, комесарката наведе дека Црна Гора би можела да ги заврши техничките преговори до крајот на годинава, а Албанија во текот на следната.

Таа изрази охрабрување од фактот што околу 60 проценти од граѓаните на Босна и Херцеговина веруваат во европската перспектива на земјата.

Сепак, нагласи дека не е „магионичар“ и дека не може сите земји од Западен Балкан да станат членки во исто време. Секоја држава, според неа, ќе се оценува поединечно. Македонија не беше спомната одделно во интервјуто.