Со воведувањето можност за тргување со негативни цени, се прави значаен чекор во реализацијата на реформската агенда и усогласувањето со европските практики. Од денеска, на организираниот пазар на електрична енергија во земјата се овозможува доставување понуди и налози со негативни цени.

Оваа промена претставува дел од сеопфатните реформски активности што ги спроведува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во директна соработка со Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО.

Со донесените измени, ценовните прагови на пазарот ден однапред (MATS) се прошируваат од досегашните 0,10–1.000 евра на -600 до 4.000 евра за мегават-час. Истовремено, кај пазарот во тековниот ден (M7), новиот ценовен опсег е утврден од -9.999,99 до 9.999,99 евра за мегават-час.

Негативните цени овозможуваат пазарните механизми пореално да ги одразуваат односите меѓу понудата и побарувачката. Ваквите состојби вообичаено може да се појават во периоди на зголемено производство и намалена потрошувачка, особено при високо производство од обновливи извори на енергија.

Овој механизам обезбедува значително поголема флексибилност за сите учесници на пазарот. Тој поттикнува подобро планирање на производството, реализација на инвестиции во батериски системи за складирање и поефикасно управување со енергетските текови.

Можноста за тргување со негативни цени не значи дека тие автоматски ќе се формираат на пазарот, бидејќи цените и понатаму целосно ќе зависат од понудата и побарувачката. Воедно, оваа промена не значи ниту автоматско намалување или негативни сметки за крајните потрошувачи и домаќинствата.

Преку оваа реформа суштински се унапредува конкурентноста и флексибилноста на домашниот пазар. На тој начин се создаваат значително подобри услови за интеграција на обновливите извори и натамошно поврзување со европскиот енергетски пазар.