Заштитните мерки во Договорот од Преспа се многу силни, инсистираше вчеравечер поранешниот лидер на СИРИЗА и грчки премиер Алексис Ципрас во разговорот со поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев. Настанот беше организиран од новоформираниот институт на Ципрас.

Ципрас го опиша ризикот од неспроведување на договорот како „егзистенцијален“ за Северна Македонија.

Тој ја истакна потребата од „спроведување и почитување на Уставот“, во спротивно „нема да има европски фондови, нема да има членство во НАТО, дури може да има санкции за поединци кои не го почитуваат договорот“. Ципрас и Заев го потпишаа договорот за името од Преспа во 2018 година, а сега навршија шест години од потпишувањето.

Ваквите санкции се упатени кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер, Христијан Мицкоски.

Мицкоски: Македонија е мојата татковина, Уставот и законите ќе ги почитуваме сите

Тој во вечерашното интервју се осврна за тоа дали ќе користи „Северна“. Мицкоски рече дека неговата татковина е Македонија, но при заклетвата ќе го изговори уставното име на државата.