Министерката за одбрана Радмила Шекеринска очекува утре на седница на Влада да се дискутира за дел од прашањата поврзани за добивање, пристигнување и исполнување на условите во однос на вакцините од КОВАКС механизмот.
– Знам уште од претходно дека сите услови кои се побаруваат во делот на КОВАКС механизмот како држава одамна ги исполнивме. Уште во самиот почеток на овие подетални разговори околу користење на механизмот бевме посочени како држава која ги исполнува условите, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
И додека ја чекаме првата голема пратка, во регионот почна масовната имунизација. Лидер е Србија каде досега вакцинирани се 28 на 100 луѓе. Следуваат Грција и Словенија со 12, Хрватска со 6 и Бугарија со четири вакцинирани на 100 луѓе. Под 1 е стапката само во Албанија и Црна Гора.
Податоци не се достапни за Македонија, Косово и Босна и Херцеговина. Меѓутоа, во БиХ веќе се знае кога ќе пристигнат големите пратки. Оваа држава нарачува 350.000 дози од Спутник. Преку КОВАКС системот на 23 март во Босна и Херцеговина ќе пристигнат нешто над 24.000 дози, на 29 март 36.000 од Фајзер, а на 22 април уште 76.000 дози од АстраЗенека.
Во Македонија досега вакцина примиле 4 782 здравствени работници. Досега пристигнаа нешто над 8.000 дози на Фајзер донација од Србија и 3.000 на Спутник. За вакцинација преку веб-страницата „vakcinacija.mk“, пак, досега се пријавиле 80.201 граѓани, а 56.821 преку матичен лекар. рп/са/