Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека не е планирано зголемување на цените за паркирање, туку воведување ред и еднаков третман за сите корисници. Тој нагласи дека повластените услови што ги имаат одредени институции и вработени ќе бидат укинати.
На прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, Ѓорѓиевски посочи дека дел од институциите, меѓу кои и вработени во Град Скопје, плаќаат по пониски цени за паркинг, што повеќе нема да важи.
– Има институции што плаќаат по повластени цени за паркинг, меѓу кои и вработени во Град Скопје, тоа нема да продолжи. Таква работа нема да има. Вработените овде земаат плата и тие се исти како сите останати граѓани во Скопје. Ќе си плаќаат колку што е утврдено – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека не е прифатливо едни да плаќаат значително помалку од други за месечна карта.
– Не може некој да плаќа 400 денари, а друг 1.400 денари за месечна карта. Секој ќе си плаќа ист износ. Тука толеранција нема да има. Но, тоа не значи зголемување на цените, туку воспоставување ред – нагласи градоначалникот.
Воедно најави дека се планира проширување на зонското паркирање на повеќе локации во градот, со цел подобра организација на сообраќајот и поефикасно користење на паркинг-просторот.
