Поднесените иницијативи од Села и Таравари не добија поддршка

Уставниот суд ги отфрли иницијативите за Законот за сообраќајни прекршоци познат како „Безбеден град“. Иницијативите беа поднесени од пратениците Зијадин Села и Арбен Таравари.

Во нив беше наведено дека новите решенија за електронско евидентирање на сообраќајни прекршоци создаваат нееднаквост. Како причина се посочуваше фактот што системот засега се применува само во Скопје, Тетово и Куманово.

Иницијаторите исто така наведоа дека пораките што граѓаните ги добиваат при регистриран сообраќаен прекршок треба да бидат и на албански јазик.

Дел од судиите побараа дополнително разгледување

Судијата Насер Ајдари изјави дека прашањето треба да се разгледа подетално и да се испита уставноста на решенијата. Според него, потребно е и да се препорача до Собранието да ги направи потребните измени во Законот за прекршоци.

„Отсуството на јасна законска гаранција дека ваквите известувања ќе се вршат на службените јазици опфатени со Уставот создаваат правна празнина која може да доведе до повреда на уставниот режим за употреба на јазиците“, рече Ајдари.

Судот не најде основ за поведување постапка

Судијката известител Ана Павловска Данева изјави дека во самиот закон е јасно наведено во кои случаи се применува Законот за употреба на јазиците. Според неа, нема потреба да се покрене постапка за испитување на уставноста.

„Ние предлагаме во принцип остварување на нашата надлежност бидејќи не наоѓаме во ниту еден од аргументите и за ниту еден од предложените одредби да бидат укинати или поништени, зависи како кој од иницијаторите предлага, не наоѓаме причини за поведување на постапка“, изјави Павловска-Данева.

Сличен став изнесе и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. Тој оцени дека воопшто нема потреба да се отвори расправа за ова прашање.