Бранителот на обвинетиот Шофкет Хазари, адвокатот Петре Шилегов, на почетокот на денешното рочиште на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани побара Јавното обвинителство да ги земе предвид двете неодамнешни одлуки на Врховниот суд. Како причина за ваквото барање, тој наведе дека токму недокажувањето на причинско-последичните врски меѓу постапките на обвинетите довело до укинување на претходни пресуди.
„И по шест до седум години од сега, да не се случи и во овој предмет истото, да не се трошат ресурси залудно“, изјави Шилегов.
Родителите на младите кои ги загубија своите животи во пожарот во кочанската дискотека реагираа за време на паузата од судското рочиште, остро спротивставувајќи се на ваквите барања на одбраната.
„Адвокатот Петре Шилегов повторно бара Јавното обвинителство да го преиспита кривичноправниот настан повикувајќи се на други предмети. Но не може да се ставаат во ист кош 13-годишно незаконско работење на ‘Пулс’ со друго обвинение. Тоа се разни случаи и разни основи на одговорност“, изјави Александар Наунов.
Тој пред медиумите потенцираше дека семејствата точно ги знаат причините поради кои обвинетите одговараат пред судските органи.
„Кој требаше да ја гарантира безбедноста на граѓаните и законското работење ако не надлежните институции? Тогаш зошто постојат Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и другите контролни органи? Кој бил должен да ги контролира безбедносните планови, елаборатите, минимално техничките услови и лиценците? Токму незаконското постапување и непостапувањето што им се ставаат на товар на обвинетите, според обвинението, придонеле за загрозување човечки животи и за трагичните последици“, изјави Наунов.
Судскиот процес продолжува со сослушување на Османли Јоргов, техничко лице кое го изготвило стручниот вешт наод и мислењето по барање на обвинетата Милка Едровска, инженерка од компанијата „Венци проект“.
Судењето моментно се наоѓа во фаза на изведување докази на одбраната, која има предложено повеќе од 240 сведоци за сослушување.
Постапката официјално започна на 19 ноември 2025 година, кога по осум месеци од настанот на обвинителна клупа се најдоа 35 физички лица и три правни субјекти, при што во текот на процесот почина еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов.
Предметот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека застапници на обвинението се тим составен од 15 јавни обвинители.
Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК, при што животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
